„Идејата на Австрија за бегалците е закана за безбедноста на Русија“

Така Советот на Федерацијата на РФ ја оцени идејата која претходно министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц ја даде за создавање центри на ЕУ за прием на мигранти во Грузија или во земјите од Западен Балкан.

Предлогот на министерот за надворешни работи на Австрија за формирање на центри за прием на бегалци во Грузија во случај на негова реализација може да влијае и на руската сфера на безбедноста, но засега тоа е само „провокација“, изјави првиот заменик-претседател на Комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и безбедност Франц Клинцевич.

„Засега, што се вели, тоа е провокација, за да се провери реакцијата на истата Грузија. Но понатаму може да следат и поконкретни предлози“, изјави тој во неделата, пренесува „Интерфакс“.

Според него, „очигледно е дека земјите на ЕУ ќе се стремат колку што е можно повеќе да се ослободат од товарот на миграциската криза и да го префрлат на други“. „Во врска со ова ќе истакнам дека неодамна Грузија доби безвизен режим со Европската унија, а бесплатен кашкавал, како што знаете, се добива само во стапица за глувци“, истакна Клинцевич.

Тој додаде дека предлогот на Курц навлегува и во интересите на националната безбедност на Русија, која има заедничка граница со Грузија, од аспект на заканата што ја носи меѓународниот тероризам. „Се сеќаваме на времето кога во Панкиската клисура во Грузија се подготвуваа терористи кои потоа нѐ напаѓаа на Кавказ“, изјави сенаторот.

Претходно, медиумите објавија дека на министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц предложил создавање на европски центри за прием на бегалци во Грузија или во земјите од Западен Балкан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња