Постојана претставничка на САД во ООН: Не се плашиме да истапиме против РФ

„Русија не е ни пријател, ни непријател, а односите спрема неа ќе зависат од конкретната ситуација“, изјави постојаниот претставник на САД во ООН Ники Хејли.

Ники Хејли изјави дека новата администрација на Доналд Трамп без двоумење ќе истапи против Русија доколку види дека нешто не е во ред. Во разговор за телевизијата „Ал Џезира Вашингтон“ по првиот говор на Трамп на заедничката седница на Конгресот во вторникот вечерта, Хејли изјави дека претседателот на САД го променил тонот.

„Тоа беше друг тон, тон на претседател. Тој на светот треба да му каже дека Америка повторно планира да ја преземе водечката улога“, нагласи Хејли. „Дојде време за промена на тонот и тој го стори тоа. Тој има за цел да ја обедини земјата, на сите да им каже дека ние сме за мир и безбедност, како и дека сакаме повеќе сојузници“, додаде Хејли.

На прашањето дали Русија би можела да биде еден од тие сојузници или Москва е непријател, Хејли рече:

„Русија не треба да биде ниту едното ниту другото, мислам дека тоа зависи од ситуацијата“.

„Се разбира, доколку можеме да ја натераме Русија да биде со нас, тоа би било одлично. Меѓутоа, во овој момент сме многу разочарани од Русија, затоа што не ја поддржа резолуцијата во која Сирија се критикува поради употреба на хемиско оружје против своите граѓани“, нагласи Хејли.

Како што изјави таа, „ја критикувавме Русија поради Крим и Украина, поради тоа што таа го презеде таму. Ние ќе бидеме против кога ќе видиме дека нешто не е во ред. А ако видиме дека би можеле да направиме нешто заедно, се разбира дека ќе се потрудиме и да го сториме тоа“, нагласи Хејли.

Русија и Кина претходно ја блокираа во Советот за безбедност на ООН предложената резолуција за хемиското оружје со која се предвидува воведување санкции против Сирија, пренесува „Взгљад“. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња