Кравчук: Украина го загуби Крим затоа што лошо ја познава историјата

Првиот претседател на независна Украина Леонид Кравчук го обвини официјален Киев за тоа што не видел на време дека останува без Крим.

Киев самиот ѝ го отвори на Русија патот до Крим, а полуостровот ја искористи таа можност во 2014 година, изјави првиот претседател на независна Украина за ТВ-каналот  „112“, пренесува „Утро.ру“.

„Задржувањето на Крим во услови на безвластие во Украина, кога има слаби позиции во центарот, во областите, а посебно на Крим, беше невозможно. Друга работа е што можеше барем да се направи обид“, изјави Кравчук. Самиот тој никогаш не би дозволил да се појават на Крим „зелени“ или „учтиви“ луѓе, „но Киев не го виде тоа на време“.

Сега не треба да се очекува дека Москва ќе се откаже од Крим или дека полуостровот самиот ќе посака да ѝ се врати на Украина, смета Кравчук. „Путин официјално изјави: Крим е наш и немаме намера да го поставуваме прашањето за Крим“, потсетува Кравчук, но додава дека треба да се мисли и на подалечната иднина, а „тогаш сѐ е можно“. „Некогаш постоеше и Киевска Русија. А што остана од неа сега? Главно е да не се постапува непромислено, избрзано“, истакнува Кравчук.

Првиот украински претседател гледа дека на југоистокот на Украина има вистинска војна. „И тоа не е антитерористичка операција, не е АТО. Смешно е да се зборува за АТО.“ Ситуацијата треба да се реши по воен пат, „Минската спогодба“ е фикција, смета Кравчук.

„Минските преговори беа потребни на почетокот на конфликтот, да си дојдеме на себе. Сега мораме да бараме други начини, затоа што минските преговори нема да решат едно прашање – на територијалниот интегритет, на суверенитетот на државата. Тоа прашање никогаш не е сериозно разгледувано“, смета Кравчук, првиот претседател на Украина од 1991 до 1994 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња