Матис: Москва не е партнер кој заслужува доверба

Планот на кој работи Министерството за одбрана на САД за забрзување на поразот на „Исламската држава“ нема да предвидува соработка со Русија во Сирија.

Новиот американски секретар за одбрана Џејмс Матис има намера наскоро да презентира план за интензивирање на борбата против терористичката група „Исламска држава“. Спротивно на очекувањата, новата стратегија нема да предвидува проширување на соработката со Русија во Сирија, забележува „Њујорк Тајмс“. Матис не го дели мислењето на претседателот на САД Доналд Трамп за неопходноста од обединување на напорите со Москва, затоа што смета дека на неа не треба да се гледа како на партнер кој заслужува доверба.

Планот што го разработува Пентагон ќе предвидува не само офанзива врз главните позиции на ИДИЛ во Сирија и Ирак, туку и борба со нејзините регионални ќелии во разни земји, прекин на нивните врски со раководството на групата, како и мерки за спротивставување на нејзината идеологија и пресекување на порастот на нејзиното влијание. Воениот врв на САД смета дека само со воена сила не може да се победи моќната терористичка организација која брои околу 45000 странски борци од повеќе од 100 држави.

Новата стратегија, исто така, најверојатно ќе предвидува поголема вклученост на американски војници во директни борбени операции, како и воведување на дополнителен ограничен контингент на копнените сили во Сирија. Во исто време, не станува збор за почеток на масовна воена операција во Сирија со испраќање на повеќеилјадна група американски војници, нагласува Пентагон, пренесува „Взгљад“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња