Медиум: Русите најдоа начин како да ги измамат американските казина

Магазинот „Вајрд“ (Wired) пишува дека руски измамници откриле како да хакираат одредени слот-машини во казино.

Руските хакери-инженери најдоа начин да ги измамат казината и индустријата за игри на среќа засега е немоќна против нив, пишува магазинот „Вајрд“ (Wired).

Магазинот потсетува на две афери во кои измамници се богателе од одреден вид слот-машини.

Едната афера е откриена во 2014 година во казиното „Лимиер Плејс“ (Lumiere Place) во Сент Луис (Мисури) и била поврзана со мошне застарени слот-машини. Кога апаратите буквално „полуделе“ и почнале да даваат премногу пари, службата за безбедност обрнала внимание на еден човек – 37 годишен Русин по име Муран Блиев. Тој го притискал тастерот на слот-машината во моментот кога вибрирал неговиот телефон.

Се покажало дека Блиев и неговите колеги од фирма во Санкт Петербург го проучиле принципот на работа на слот-машините од конкретниот модел кој го купиле откако во Русија во 2009 година беа забранети сите игри на среќа. Тие на телефонот ги зачувале временските маркери, по што требало само навремено да се притисне тастерот на машината.

Блиев и неговите соучесници извеле неколку такви акции во САД и добиле стотици илјади долари, но на 10 декември 2014 година тој и неколку соработници се уапсени.

Втората афера се случила минатата година во Сингапур. Група измамници работела по слична шема при што поголемиот дел од средствата одела за Санкт Петербург. Меѓутоа, измамниците биле повнимателни и телефоните кои вибрирале ги држеле во горниот џеб на кошулата за да не предизвикаат сомнеж, пренесува РИА „Новости”.

И покрај тоа што во Мисури и Сингапур хакерите одговарале за своите престапи, петербуршката организација „ги праќа своите агенти сѐ подалеку“, се наведува во текстот. А со оглед на тоа дека слот-машините е многу тешко да се заштитат од хакирање, измамниците од оваа група фарантирано ќе просперираат и понатаму, заклучува авторот на статијата.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња