Постојаните претставници на РФ и САД во ООН договорија тесна соработка

По седницата на Советот за безбедност на ООН, рускиот постојан претставник Виталиј Чуркин ја истакна „видливата промена на тонот“ во настапот на неговата американска колешка Ники Хејли во споредба со нејзината претходничка Саманта Пауер.

Постојаниот претставник на РФ во ООН Виталиј Чуркин ја имаше во петокот првата средба со новата американска колешка Ники Хејли. Како што соопшти портпаролот на руското постојано претставништво Фјодор Стржижовски, соговорниците се договориле тесно да соработуваат во согласност со намерите на Москва и Вашингтон.

„Рускиот постојан претставник ја прими Ники Хејли во својата резиденција. Од двете страни беше изразена намера за тесна соработка во ООН во согласност со намерите на своите главни градови“, изјави Стржижовски, пренесува ТАСС.

Хејли во четвртокот првпат говореше на отворената седница на Советот за безбедност на ООН за ситуацијата во Донбас. Дипломатот тврдеше дека Крим е дел од Украина, а американските санкции против РФ нема да бидат укинати сѐ додека контролата над полуостровот не му биде вратена на Киев.

Ист став имаше и нејзината претходничка Саманта Пауер. Меѓутоа, притоа Хејли изјави дека САД сакаат „подобрување на односите со Русија“.

По седницата на СБ ООН Чуркин ја истакна „видливата промена на тонот“ во настапот на Хејли во споредба со Пауер. Според него, Хејли била „доволно дружељубива, имајќи ги предвид околностите и темата“ која беше дискутирана.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.