Литвански пратеник изнесе претензии кон Калининград

Литванија во соработка со ЕУ треба да се занимава со прашањето на одземање на Калининградската област од Русија, изјави пратеникот на литванскиот Сејм Линас Балсис на дебатата „Светот во 2017 година. Поглед од Вилнус“ .

Времето на Калининград помина, изјави пратеникот Балсис, пренесува „Балтњуз“. Тој исто така изјави дека по „анексијата“ на Крим „се ближи крајот на повоениот поредок во Европа“.

„Времето на користење на поранешните земји на Источна Прусија за Руската Федерација заврши“, изјави Балсис, додавајќи дека „Калининград не ѝ беше даден на Русија во Потсдам или Хелсинки за вечна употреба“.

Тој повика да се постави прашањето за државниот суверенитет над Калининградската област, затоа што „таа не треба да остане руска“.

Првиот заменик-претседател на Меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата на РФ Владимир Џабаров му предложи на литванскиот пратеник најпрвин да ѝ го врати на Русија Виленскиот крај пред да го постави прашањето за враќање на Калининградската област, пренесува РИА „Новости“.

Вилнускиот крај никогаш не ѝ припаѓал на Литванија. До 1917 година тој беше во состав на Руската империја, а од 1920 до 1939 година ѝ припаѓаше на Полска. Тие територии влегоа во составот на Литванската ССР по Втората светска војна, напомена Џабаров.

„Првин нека го вратат она што го добија од советските власти“, нагласи сенаторот. Тој ја оцени изјавата на литванскиот пратеник едноставно како желба за привлекување на вниманието.

„Доколку некој сака да го отвори прашањето на ревизија на резултатите од Втората светска војна, ајде да подискутираме на таа тема“, изјави во септември Владимир Путин, одговарајќи на прашањето за можното „враќање“ на Калининград на Германија.

„Меѓутоа, тогаш ќе мораме да подискутираме не за Калининград, туку генерално за териториите на Германија, за Лавов, кој беше дел од Полска, и така натаму, и така натаму. Тука се и Унгарија и Романија“, изјави меѓу другото Путин, заклучувајќи дека „ако некој сака да ја отвори Пандорината кутија, само напред, нека повели“, пренесува „Взгљад“.

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.