Руски сенатори: РФ и САД заедно можат за еден месец да ја победат ИД

Руски сенатори го коментираа вчерашниот разговор меѓу Путин и Трамп.

Русија и САД ќе можат за еден месец да ги уништат терористите на „Исламската држава“ во Сирија, ако двете земји навистина успеат да воспостават реална координација на дејствијата во таа сфера, изјави првиот заменик-претседател на Комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и безбедност Франц Клинцевич.

„Доколку има реална координација, проблемот за целосно уништување (на терористите) е во состојба да се реши за еден месец. Со обединети напори и такви капацитети, какви што имаат САД и Русија, тоа нема да чини ни најмалку работа“, изјави Клинцевич во саботата за „Интерфакс“. На тој начин тој го коментираше саботниот телефонски разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп.

И Константин Косачов, шеф на меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата високо ја оцени важноста на тој разговор. Според него, можно е да се надева дека разговорот ќе ги врати во руско-американскиот дијалог „содржината и смислата“ кои ги немаше за време на мандатот на администрацијата на Обама.

„Изборот на дискутираните теми е широк, начната е практично целата актуелна агенда на билатералните односи. Сакам да се надевам дека зад лаконското набројување на начнатите прашања има заемна, а не само наша заинтересираност да се дојде до нов формат на меѓусебните односи – партнерство, а не соперништво“, истакна тој.

Во секој случај, смета сенаторот, тоа се гледа од рускиот официјален коментар на разговорот, кој има позитивен тоналитет. „За време на претходниот претседател на САД таков коментар едноставно немаше да има. На добар пат сме“, изјави Косачов. Според него, првата вест во врска со разговорот меѓу претседателите на Русија и на САД „се, без претерување, огромните очекувања поврзани со него“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.