Горбачов: Путин и Трамп да работат на спречување нуклеарна војна

Поранешниот претседател на СССР Михаил Горбачов смета дека лидерите на Русија и на САД - Владимир Путин и Доналд Трамп – треба да иницираат во Советот за безбедност на ООН донесување на резолуција за недопуштање на нуклеарна војна. Исто така, тој изјави дека е потребно да се обнови политичкиот дијалог меѓу Москва и Вашингтон.

„Денес нема поактуелен проблем од милитаризацијата на политиката и новата трка во вооружување. Највисокиот приоритет се состои во запирање на оваа трка“, пишува Горбачов во статијата објавена во магазинот „Тајм“.

„Денес нуклеарната закана повторно изгледа реална. Односите меѓу суперсилите од лоши станаа полоши за неколку години... Треба да ја смениме оваа ситуација. Треба да се обнови политичкиот дијалог, насочен кон заедничко решавање и заедничко дејствување“, смета Горбачов.

Притоа, како што изјави поранешниот советски лидер, недоволно е да се фокусира дијалогот на борба против тероризмот: во центарот на вниманието треба да биде спречувањето војна, запирање на трката во вооружување и намалување на нуклеарните арсенали.

„Ги повикувам членките на СБ ООН… да го направат првиот чекор. На пример, предлагам да се одржи состанок на СБ на ниво на шефови на држави и да се донесе резолуција, во која се тврди дека нуклеарна војна е неприфатлива и никогаш не треба да се води“, изјави поранешниот претседател на СССР. „Сметам дека иницијативата за донесување таква резолуција треба да дојде од Доналд Трамп и Владимир Путин - претседателите на двете нации на кои им припаѓа 90% од нуклеарниот арсенал на светот, кои сносат особена одговорност“, заклучува Горбачов.

Признавањето на недопустливоста на нуклеарна војна, во која не може да има победници, беше основата на декларацијата по првиот состанок на генералниот секретар на СССР Горбачов со американскиот претседател Роналд Реган во Женева во ноември 1985 година, пишува РИА „Новости“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња