Иако некои руски компании и политички активисти решија да ја искористат „трампоманијата“ која настана во Русија, московскиот естаблишмент продолжува да ја повторува едноставната мантра, со цел малку да ги ограничи очекувањата; „Доналд Трамп не е наш човек“, пишува „Вашингтон Пост“.
Портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков ја повтори оваа фраза неколку пати, потенцирајќи дека Кремљ сепак ќе почека за да ја види позицијата на новиот американски претседател во однос на клучните прашања како што се украинската криза, Сирија и билатералните односи.
Исто така, Песков беше скептичен спрема предлогот на Трамп за суштинско намалување на нуклеарниот арсенал и потенцираше дека тоа прашање не треба да се поврзува со прашањето за американските санкции кои беа воведени против Русија поради украинската криза.
Без оглед на отсуството на ентузијазам во однос на предлогот на Трамп за намалување на нуклеарниот арсенал, Кремљ јасно стави до знаење дека неговите претставници го преферирале Трамп и дека се среќни поради завршувањето на претседателскиот мандат на Обама.
Премиерот на Русија Дмитриј Медведев објави на „Фејсбук“ дека администрацијата на Обама „ги уништи односите меѓу САД и Русија, доведувајќи ги до најниско ниво последниве децении“.
Што се однесува до Украина, Песов ја нарече поддршката на администрацијата на Обама за Киев „неконструктивна“, но притоа ја спореди победата на Трамп на изборите и поддршката на Украина од страна на САД со приказната за „Пепелашка“.
„Кочијата наскоро ќе се претвори во тиква. И наскоро ќе удри полноќ“, изјави тој.
На прашањето каква ќе биде позицијата на новата американската администрација за Украина, Песков одговори дека тоа му е непознато, но дека „ќе го видиме тоа многу скоро“, пренесува ИноСМИ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче