Медиум: откако ќе се зближат со РФ, САД ќе ја остават Европа без заштитник

Обединета Европа е изолирана и ранлива пред бурата што надоаѓа: Русија „со советска агресија“ ги поддржува конфликтите на нејзините граници, а верниот сојузник Вашингтон размислува за пријателство со Москва. Така Европската унија се најде „стегната во менгеме меѓу двата блока“, пишува „Либерасион“. Сепак, весникот е уверен: благодарение на француско-германскиот тандем, ЕУ ќе опстане.

70 години по завршувањето на Втората светска војна, Европската унија се најде во „целосно невидена и неверојатно вознемирувачка геополитичка ситуација“, пишува „Либерасион“: таа се најде притисната во менгемето на двата блока, кои посакуваат нејзино исчезнување. На исток е Русија, која со „советска агресија“ долева масло на огнот на регионалните конфликти на границите на ЕУ и за воспоставува врски со сличните по својата еврофобија екстремно десничарски и  екстремно левичарски демагози во Европа. На запад оние, кои секогаш остануваа сојузници на Европа, САД и Велика Британија, се чини, имаат намера да се држат подалеку од неа.

Овие два блока решија да се зближат. И тоа зближување ќе ја остави Европа без заштитник. „Европа, основана на принципите на мирно решавање на конфликти преку владеењето на правото, која отсекогаш верувала дека нема непријатели во светот, се покажа крајно ранлива и изолирана пред бурата која со ништо не беше навестена“, загрижено истакнува весникот.

„Порано Америка, Велика Британија, Русија беа предвидливи, дури и ако понекогаш можеа да направат нешто непредвидливо, на пример, да почнат војна во Ирак“, истакнува дипломат близок до Франсоа Оланд. „Сега САД станаа по природа непредвидливи, Велика Британија не знае што сака, а Русија може да дејствува надвор од своите интереси“.

„Првпат од 1945 година САД се против Европската унија: новиот претседател предвидува распад на сојузот“, додава европскиот дипломат. „Тој дури и сака да заврши со сите постоечки механизми на меѓународната соработка и со принципот на мултилатерализмот“. Иако токму тие механизми овозможија да продолжи мирот на планетава“, пишува „Либерасион“.

Новата ера на напрегнатост ќе заврши, доколку му се верува на Трамп, „со невидена економска и трговска војна меѓу САД и Европската унија“, предупредува Даниел Кон-Бендит, поранешен претседател на фракцијата на Зелените во Европскиот парламент и близок до поранешниот министер за економија и кандидат за претседател на Франција Емануел Макрин.

Оваа нагла промена на парадигмата подготвува опасен тест за обединета Европа: ќе можат ли нејзините земји-членки во услови на ново меѓународно здружување да создадат обединет блок или секоја од членките на ЕУ ќе се спасува одделно, надевајќи се на поблиски врски со Вашингтон, Лондон или Москва?

И во Париз, и во Берлин веруваат дека идниот сојуз ќе се решава на двата брега на Рајна: „Проблемите со кои се соочува ЕУ се толку глобални, што тоа ќе помогне да се зачува француско-германската двојка“, го уверува „Либерасион“ еден од блискиот круг на францускиот претседател. „Токму околу таа оска ќе се организира отпорот“, додава францускиот весник.

Проблемот е во тоа што на оваа историска пресвртница Европа не ѝ пристапува во најдобра состојба: во Франција и Германија, како и во Холандија и Грција, треба да се одржат избори; во Шпанија и Италија има политичка нестабилност: во цела Европа во заседа седат демагози.

Сепак, Даниел Кон-Бендит останува оптимист: „Трамп повторно ќе ја обедини унијата“. Европа сака да ги зајакне своите позиции во три сфери: безбедноста, трговијата и економијата. И ако некоја од членките на сојузот сака да го постигне тоа сама, „слободно нека оди“, самоуверено изјави за весникот високиот дипломат. „Сепак, досега никој не изразил таква желба, иако по излегувањето на Велика Британија од ЕУ сите песимисти го предвидуваа спротивното“, истакнува тој. „Со еден збор, сакаме да веруваме дека унијата ќе преживее“, заклучува „Либерасион“, пренесува РТ на руски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња