Жителка на Иркутск на минус 20 помести два трамвајски вагони

Товарот од околу 42 тони беше составен од трамвајски вагони кои спортистката ги придвижи од место и ги влечеше неколку метри по шините.

Мајсторот во спорт во пауерлифтинг, повеќекратната победничка на руското натпреварување во сила во повеќе дисциплини, жителката на Иркутск Оксана Кошељова на температура од минус 20 степени Целзиус придвижи од место два трамвајски вагони и неколку метри ги влечеше по шините, пренесува РИА „Новости”.

Претходно Кошељова, позната по прекарот Карпа, од место има поместено трамвајски вагон тежок 17 тони, а потоа камион тежок 16 тони и хеликоптер Ми-8 тежок 8,5 тони. Во јули 2016 година таа заедно со уште една спортистка, Анастасија Москалева, неколку метри влечеше багер „Калмар Глобал“ тежок 64 тони.

Овој пат товарот од околу 42 тони беше составен од два трамвајски вагони, кои спортистката со бодрење и аплаузи од присутните ги придвижи од место и ги влечеше неколку метри по шините. Рекордерката првпат го направи ова во сурови климатски услови, на температура пониска од 20 степени Целзиусови. Во интервјуто за новинарите таа подоцна призна дека планира да помести од место авион и прекуокеански брод.

„Обично тренираме во трамвајско депо. Често нѐ прашуваат чуму ни е сето тоа. Едноставно имам за цел да поставам светски рекорд и да се најдам во Гинисовата книга на рекорди“, изјави Оксана.

Русинката веќе има претстава за тоа како изгледа да се помести авион од место, затоа што имаше можност да влече хеликоптер Ми-8. Но, допрва треба да дознае како изгледа да се влече брод. Таа планира летово да почне со тренинзи на Бајкалското езеро. „Штета што нема на Бајкалот големи бродови, туку само мали. Ќе мора по рекордот да одам во Австралија“. 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња