Медведев: САД требаше да знаат дека Русија не е „банана-држава“

Уништувањето од администрацијата на Обама на односите со Русија стана најголемата грешка на надворешната политика на САД која засекогаш ќе остане во историјата, изјави премиерот на Русија Дмитриј Медведев.

Рускиот премиер Медведев потенцира дека до крајот на вториот мандат на Обама односите меѓу Москва и Вашингтон целосно деградираа, а на администрацијата на претседателот во заминување ѝ недостигаше одговорност во решавањето на политичките прашања.

„На сите им е познато дека САД секогаш се обидуваа да „управуваат“ речиси со сите глобални процеси, дрско се мешаа во внатрешните работи на различни земји, водеа истовремено повеќе војни на странска почва“, напиша Медведев на неговата страница на „Фејсбук“.

Тој потсетува дека Ирак, „арапската пролет“, Украина, Сирија се само дел од „листата на авантури последниве години“. „Нивните последици ги гледаме до ден-денес: од целосен колапс на политичкиот систем во овие земји, до војни, чии жртви станаа десетици илјади луѓе“, пишува рускиот премиер.

„Објаснување за ваквите акции секогаш беше истото: интересите на САД. Објаснување кое е сосема разбирливо во Америка. Иако тоа не им се чини на другите земји како толку неоспорно“, додава Медведев.

Според рускиот премиер, САД требаше да имаат предвид дека Русија не е „банана-држава“ и дека сличните разговори со Москва се недопустливи. Медведев, исто така, изразува надеж дека новите американски власти ќе ги градат односите со Москва од позиција на разумот.

Претходно Обама изјави дека за време на неговиот мандат се стремел кон  конструктивни односи со Русија. Притоа Кремљ го нарече вториот мандат на Обама период невидена и континуирана деградација на односите со Вашингтон, пренесува РИА „Новости“.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња