„Анонимус“ се заканува со откривање на врските на Трамп со руската мафија

Меѓународната хакерска група „Анонимус“ (Anonymous) го предупреди новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека „ќе зажали за наредните четири години“ како шеф на државата.

Хакерите тврдат дека Трамп бил поврзан со претставници на организираниот криминал од Русија и ветуваат дека ќе ја откријат оваа информација, соопштува „Хафингтон Пост“.

„Доналд Трамп, ти си лично и финансиски поврзан со руската мафија, трговците со деца и лица кои перат криминално стекнат капитал“, напишаа хакерите од „Анонимус“ на својот профил на „Твитер“. „Времето на 1980-те веќе помина, информацијата повеќе не исчезнува, таа некаде постои. Ќе жалиш следните 4 години“, се вели во следната порака.

Според информациите на „Хафингтон Пост“, „Анонимус“ му се заканува на Доналд Трамп како одговор на соопштението на новоизбраниот претседател на „Твитер“ дека шефот на ЦИА во заминување Џон Бренан, веројатно, е вмешан во протекувањето на извештајот дека Русија поседува компромитирачки материјали за новоизбраниот претседател.

Претходно во март 2016 година меѓународната  хакерска група „Анонимус“ ги објави личните податоци на Доналд Трамп. Исто така, хакерите на „Анонимус“ го урнаа сајтот на познатите „Кулите Трамп“, „одмаздувајќи“ му се на тогашниот претседателски кандидат од редовите на Републиканската партија на САД за неговите антимуслимански изјави, пишува „Комерсант“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.