Русија одбива да спроведе одлука на Европскиот суд за човекови права

Одлуката на Судот во Стразбур за тужбата на акционерите на ЈУКОС (ЮКОС) кои бараат од Русија 1,9 милијарди евра е спротивна на Уставот на Русија и нема да биде спроведена. Ваква одлука донесе Уставниот суд на РФ во четвртокот.

„Работата на ЈУКОС како затајувач на данок имаше ефект на кршење на законот“, изјави во четвртокот претседателот на Уставниот суд на РФ Валериј Зоркин, коментирајќи ја одлуката донесена од тој орган: Русија може да не ја спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права и да не исплати надомест од 1,9 милијарди евра на поранешните акционери на ЈУКОС. „Извршување на одлуката на ЕСЧП (во случај на ЈУКОС) е невозможно“, изјави Зоркин, пренесува „Взгљад“.

Судот утврди дека компензацијата претставува неправедно голема, што ги прекршува принципите на еднаквост и праведност.

Во јули 2014 година Европскиот суд за човекови права утврди дека Русија треба да им исплати на поранешните акционери на компанијата на Михаил Ходорковски 1,86 милијарди евра. Станува збор за сума која требаше да се исплати по жалбата на поранешните акционери, а која беше разгледана од судот во Стразбур уште во 2011 година. Исто така, требаше да се исплатат и 300 илјади евра судски трошоци. Потоа руското Министерство за правда се обрати до Уставниот суд на РФ.

Според зборовите на Зоркин, пресудата на ЕСЧП за ЈУКОС им противречи на нормите на Уставот на Русија, што значи, Москва има право да отстапи од обврските кои ѝ се наложени.

Притоа Уставниот суд појаснува дека Русија не се откажува од извршување на одлуките на ЕСЧП, но ќе ги извршува само оние одлуки кои одговараат на Уставот на земјата.

Советот на Европа побрза да ја изрази својата загриженост поради одлуката на Уставниот суд на РФ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.