Санкциите против Русија ја чинат ЕУ 17,6 милијарди евра

Санкциите на Европската унија против Русија и руските возвратни мерки ѝ нанесоа штета на економијата на 27 европски земји (со исклучок на Хрватска) во износ од 17,6 милијарди евра и 400 илјади работни места, се вели во извештајот на австрискиот Институт за економски истражувања (WIFO).

Како што пишува австриски „Дер Стандард“, економистите на WIFO го проценуваат ефектот од санкциите против РФ и руските контрасанкции  врз основа на статистичките податоци за 2015 година.

Според нивните процени, Австрија изгубила 550 милиони евра и 7 илјади работни места, додека најголема економија во ЕУ - Германија – изгубила 97 илјади работни места и повеќе од 6 милијарди евра. Штетата врз економската активност во Франција изнесува 1,63 милијарди евра, во Полска - 1,36 милијарди евра, во Италија 950 милиони евра, а во Република Чешка - 760 милиони евра.

Извозот од Австрија во Русија се намалил во 2015 година за речиси 40% во споредба со претходната година, испораките од други земји, исто така, се намалиле. Сепак, експертите на WIFO потенцираат дека влошувањето на надворешнотрговските показатели се должи не само и не толку на „војната со санкции“, туку со слабеењето на руската економија како резултат на падот на цената на нафтата и девалвацијата на рубљата. Само малку повеќе од една третина од падот на извозот од Австрија во Русија се објаснува со санкциите, а не со проблемите на руската економија. За ЕУ ​​во целина оваа бројка изнесува 44%. Дури и кога би ги немало санкциите, европските компании ќе загубеле околу 22 милијарди евра поради намалувањето на продажбата во Русија.

Според „Стандард“, новата проценка на штетата (17,6 милијарди евра), нанесена на економијата на ЕУ, го зема предвид само влијанието на санкциите и контрасанкциите, а не општата конјунктура, за што експертите на WIFO беа принудени да користат сложени економетриски модели.

Истражувањето е извршено по нарачка на Министерството за економија на Австрија, пренесува „Интерфакс“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.