Филмот „Викинг“ викендов во руските кина заработи над 4 милиони евра

Историската сага на режисерот Андреј Кравчук „Викинг“ стана лидер на руското кино заработувајќи нешто повеќе од 4 милиони евра првиот викенд од новата година.

Историската драма на Андреј Кравчук „Викинг“ со Данила Козловски во главната улога стана лидер на руското кино, заработувајќи повеќе од 257 милиони рубли (нешто повеќе од 4 милиони евра) првиот викенд од новата година, објави во понеделникот порталот kinobusiness.com.

Покрај тоа, според порталот, само на 1 јануари „Викинг“ заработи 142 милиони рубли (2,2 милиони евра), што е апсолутен рекорд за првиот ден од годината. Досегашниот рекорд од 1 јануари 2015 година беше 124,1 милиони рубли (1,93 милиони евра) и му припаѓаше на филмот на Сергеј Бодров „Седмиот син“.

Второ место на благајните на руските кина од четвртокот до неделата, според прелиминарните податоци, ѝ припаѓа на руската комедија на продуцентот Тимур Бекмамбетов „Елки 5“ (148,2 милиони рубли (2,3 милиони евра). Трет е американскиот научно-фантастичен филм на Мортен Тилдум „Патници“ (135,7 милиони рубли (2,1 милиони евра), па следува анимираниот филм „Тројцата јунаци и морскиот цар“ (107,8 милиони рубли (1,67 милиони евра) и рускиот анимиран филм „Снежната кралица 3: Оган и мраз“ (54,5 милиони рубли (0,85 милиони евра).

„Викинг“ на режисерот Андреј Кравчук е високобуџетен проект на продуцентите Константин Ернст и Анатолиј Максимов. Работата на филмот траеше повеќе од 7 години. За потребите на снимањето беа изградени неколку филмски комплекси, сошиени повеќе од 1500 оригинални костими, направени се повеќе од 800 планови компјутерска графика. Во основата на историската сага се настаните од „Повеста за минатите години“. Улогите ги толкуваат Данила Козловски, Светлана Ходченкова, Максим Суханов, Игор Петренко, пишува РИА „Новости“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.