Путин: 2016 година не беше лесна, но тешкотиите ја сплотија Русија

2016-та година беше тешка, но тешкотиите со кои се соочи Русија ја сплотија земјата и придонесоа да се откријат огромните резерви на можности за движење напред, изјави претседателот на РФ Владимир Путин во новогодишното обраќање кое беше прикажано на Далечниот Исток.

„2016 година си заминува. Беше тешка, но тешкотиите со кои се соочивме, нѐ обединија, придонесоа да се откријат огромните резерви на нашите можности за движење напред. Најважно е - веруваме во себе, во своите сили, во својата земја. Работиме, работиме успешно и успеваме во многу нешта“, изјави Путин, пренесува РИА „Новости“.

Тој им се заблагодари на Русите „за победите и достигнувањата, за разбирањето и довербата, за вистинската, искрена грижа за Русија“.

„Ние имаме огромна, единствена и прекрасна земја! Нѐ обединуваат заедничките грижи и заедничките радости, нѐ обединува старата, добра традиција да се слави Новата година во кругот на семејството, со надеж за сѐ најдобро“, додаде претседателот на Русија.

Во своето обраќање шефот на руската држава се сети и на оние кои ја дочекуваат Новата година далеку од дома.

„Многу од нашите граѓани, вклучувајќи ги оние кои се далеку од дома, ја осигуруваат безбедноста на Русија, работат во фабриките и дежураат во болниците, возат возови и авиони. Секому кој во моментов ја врши својата работна и воена обврска - моите желби за сѐ најдобро во годината што доаѓа“, изјави Путин.

Во 13 часот жителите на Камчатскиот крај и Чукотскиот автономен округ први ја дочекаа во Русија новата 2017 година.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња