Весникот „Вашингтон Пост“ ги нарекува санкциите „најголемиот одговор на активностите на Русија по завршувањето на Студената војна“. Со оценката се согласуваат и новинарите на „Њујорк Тајмс“ кои ги споредуваа мерките против Руската Федерација со одговорот на сајбер-нападот врз Sony Pictures Entertainment во 2014 година, за кој беше беа обвинети властите на Северна Кореја. Тогаш на листата на санкции се најдоа три компании од Северна Кореја, како и десет севернокорејски официјални лица. Според весникот, овој пат одговорот е многу пожесток.
Воведувањето на овој пакет санкции може да влијае не само на тензиите меѓу Москва и Вашингтон, но, исто така, да влијае и на другите меѓународни фактори, пишуваат медиумите. На пример, „Тајмс“ истакнува дека САД можат да ги искористат санкциите против Русија и како предупредување до другите земји во однос на кои често се слушаат обвинувања за хакирање - Иран, Кина и Северна Кореја. Во исто време, мерките може да бидат и знак за традиционалните американски сојузници во Европа - Германија и Франција.
Политичарите во овие земји веќе изразија стравувања дека Русија „може да се вмеша“ во тамошните претстојни избори, пишува „Форин Полиси“. Весникот „Вол Стрит Џурнал“ истакнува дека санкциите се „во многу нешта симболични“, бидејќи контактите на санкционираните руски институции и официјални претставници со американски компании се крајно ограничени.
Притоа многу медиуми објавија дека ударот, најверојатно, е врз новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп. „Форин Полиси“ пишува дека протерувањето на дипломатите и наметнувањето на санкциите се со цел да ги ограничат способностите на новата администрација да соработува со Москва. „Гардијан“ истакнува дека, како по правило, протерувањето дипломати од земјата ќе добие симетричен одговор, меѓутоа дали Русија ќе оди на таков чекор сѐ уште не се знае. Според весникот, Москва внимателно ќе ги разгледа возвратните чекори во предвечерието на смената на администрацијата во САД.
Новинарите се сомневаат и во тоа колку самите Американци ќе го задржат таквиот пристап во односите со Русија. Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој веќе се изрази скептично во однос на обвинувањата против Москва, може во целост да ги укине воведените санкции по доаѓањето на власт на крајот на јануари, истакнува „Форин Полиси“, пренесува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче