Новиот претседател на САД Доналд Трамп и претседателот на Русија Владимир Путин би можеле да се договорат и да ја поделат Европа на сфери на влијание, пишува „Ноје Цирхер Цајтунг“. Тоа е многу веројатно, смета авторот на статијата Улрих Шпек, затоа што идниот шеф на Белата куќа не сака неговата земја да биде светски полицаец и е подготвен да склучи спогодба со рускиот претседател, правејќи отстапки пред неговите амбиции.
Доналд Трамп се смета себеси за експерт за склучување спогодби, пишува весникот. Тој од позицијата шеф на Белата куќа најверојатно ќе го искористи она што му помогна да биде успешен бизнисмен, пишува Улрих Шпек.
Весникот наведува дека во Европа постои страв дека следниот претседател на САД може да направи договор со Путин, кој ќе биде неповолен за Европејците.. „Ќе биде тоа нова Јалта, нова поделба на Европа на сфери на влијание”, предупредува авторот. „Затоа што, како што е познато, една од целите на рускиот претседател е повторно да ја направи Русија суперсила”, пишува весникот.
Трамп, кој ги наследува проблемите во Украина и Сирија, се надева дека ќе успее како професионален бизнисмен да го „пресече јазолот и да се договори со Путин, така што тоа да им одговара на двете страни“. Во САД веќе стана традиција новиот претседател да се обидува да воспостави однос на доверба со Путин, но тоа не им успеа ниту на Обама, ниту пак на Џорџ Буш Помладиот. Секој пат излегуваше дека амбициите на Кремљ се во судир со либералниот светски поредок кој го застапуваат САД, се вели во текстот.
Шпек смета дека овој пат работите би можеле да бидат поинакви. Затоа што Трамп смета дека Америка треба да ги брани своите национални интереси, а не да игра улога на светски полицаец. Покрај тоа, една од главните цели на Трамп ќе биде борбата против радикалниот ислам на Блискиот Исток и за да го постигне тоа, тој е подготвен да соработува со Русија како во Сирија, така и во другите региони, пишува новинарот.
Исто така е можно дека Трамп сака да влезе во сојуз со Русија за да ја изолира и ослаби Кина. Во замена за сојузништвото Кремљ ќе бара слобода на дејствување во Источна Европа, а можеби и уште во некои други региони. „Европа треба да се затопли и самата да ги брани своите интереси, ако не сака да стане играчка во туѓи раце“, предупредува авторот на статијата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче