Медиум: САД планираат санкции поради „руските сајбер-напади“

САД планираат да воведат нови санкции против Русија поради наводната руска вмешаност во претседателските избори, пишува весникот „Вашингтон Пост“.

Белата куќа работи на планот да му се дадат на американскиот претседател на заминување Барак Обама можност да примени контрамерки против одговорните за сајбер-нападите против американскиот изборен систем, за што САД неосновано ја обвинуваат Русија. Ова го соопштува весникот „Вашингтон Пост“ повикувајќи се на извори во администрацијата.

Весникот потсетува дека пред една година стапија на сила нови правила кои ѝ овозможуваат на извршната власт да применува санкции и на друг начин ги казнува хакерите кои им нанесуваат штета на американската економска и национална безбедност. Сепак во моментов овие мерки не можат да се применат против оние кои наводно се обиделе да се мешаат во изборите. Во врска со тоа, тврдат изворите на изданието, единствена опција е да се изедначи изборниот систем со витално важната инфраструктура на земјата.

Весникот прецизира дека одлуката е веќе во завршна фаза на усогласување на деталите. Објавувањето на возвратната реакција на САД на сајбер-нападите може да се случи оваа недела. Покрај тоа, не се отфрла и дека таа ќе вклучува и операции во сајбер-просторот.

Покрај тоа, администрацијата сака да го организира сето тоа на начин што новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, да не може веднаш да ја поништи одлуката. Изворите  на весникот, исто така, изразуваат надеж дека Обама ќе успее да ги искористи новите овластувања против „руските хакери“ до истекувањето на неговиот мандат.

Санкциите првенствено предвидуваат блокирање на сите сметки, средства и заплена на недвижен имот на лица кои се наоѓаат на црната листа на територијата под надлежност на САД. На граѓаните на земјата им е забрането да стапуваат во било какви деловни односи, да склучуваат зделки итн.

Лицата под санкции исто така нема да можат да добијат и американска виза. Притоа Белата куќа не отфрла и кривична истрага, меѓутоа за да се отвори истрага органите на законот засега немаат доволно докази, пренесува ТАСС.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња