Светлосната точка над Црното море во близина на сочинскиот аеродром, снимена од камерите за видео надзор, не е поврзана со падот на авионот Ту-154 на Министерството за одбрана на Русија, соопшти за „Интерфакс“ извор во оперативниот штаб за ликвидирање на последиците од несреќата.
„Внимателно се проучени видео записите од камерите за надворешно набљудување кои снимија силен блесок на небото над Црното море претходното утро. Утврдено е дека записот е направен приближно половина час откако авионот исчезна од екраните на радарите и нема никаква врска со тоа“, изјави изворот.
Тој ги нарече прерани претпоставките за тоа дека во авионот можела да се случи вонредна ситуација или експлозија.
„Во моментов има недоволно информации за да се извлечат дефинитивни заклучоци. Потребно е да се извадат на површината моторите и да се проучи нивната состојба. Исто така е потребно внимателно да се проучат податоците од радарите и информациите во црните кутии. Дури потоа може да се изведат некакви објективни верзии“, изјави тој.
Претходно некои медиуми објавија видео запис од камерите за набљудување на една од плажите во Сочи кои се наоѓаат во близина на аеродромот, од кои на небото се гледа силен блесок. Некои експерти, врз основа на наведеното видео, претпоставија дека авионот наводно можел да експлодира во воздух.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче