САД: Важно е да продолжи работата со Русија

САД и понатаму ги сметаат за исклучително важни билатералните односи со Русија и покрај сите тековни проблеми. Ова во средата го истакна портпаролот на Стејт Департментот на САД Џон Кирби, коментирајќи на портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков дека билатералниот дијалог меѓу Москва и Вашингтон е во замрзната состојба.

Кирби одби да даде оценка за моменталната состојба на руско-американските контакти, осврнувајќи се на фактот дека не е доволно информиран во оваа област. „Јас не сум доволно стручен за да кажам дека ова е некој вид на најниската точка на односите меѓу САД и Русија. Но, никој и не се стреми кон неа. Независно од тоа колку се затегнати работите, ние сѐ уште сметаме дека станува збор за важни билатерални односи и дека е важно да се продолжи да се работи на нив“, изјави претставникот на дипломатскиот ресор на САД, пренесува ТАСС.

Тој исто така тврди дека зборовите на портпаролот на рускиот лидер „се разбира, не се одраз на нашиот (американски) поглед на контактите меѓу Москва и Вашингтон“. Притоа Кирби, како и во претходно издадената писмена изјава, инсистира на тоа дека „дијалогот не прекинува“. „Јас не знам точно како да го протолкувам овој коментар (на Песков)“, додаде американскиот дипломат.

На забелешката дека Песков не зборувал за некаков „прекин“ на билатералните односи, туку укажал на фактички замрзнатиот дијалог по иницијатива на САД, Кирби одговори: „Реков дека не знам како да го интерпретирам неговиот коментар.  Мислам дека треба да го прашате г-дин Песков што мислел со тоа. Од наша страна, можам да кажам дека нема прекин во дијалогот и дека контактите не се замрзнати“.

„Ние не би го опишале она што се случува на тој начин“, додаде портпаролот Кирби.

Како што претходно потенцираше Песков во интервју за телевизијата „Мир“, „со САД практично сите нивоа на дијалог се наоѓаат во замрзната состојба“. „Или го правиме тоа минимално“, констатираше тој. Според Песков, Русија полага „определени надежи за нови, посвежи и поконструктивни пристапи од страна на новата администрација“ на САД предводена од Доналд Трамп.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња