„Заострувањето на односите меѓу Русија и НАТО главна закана во 2017 година“

Советот за надворешни односи смета дека заострувањето на односите меѓу Русија и НАТО е најголемата опасност во 2017 година.

Заострувањето на односите меѓу Русија и земјите-членки на НАТО може да биде главната опасност во наредната година, се вели во објавениот извештај на американскиот Совет за надворешни односи „Главните закани на кои треба да се внимава во 2017 година“, пренесува РИА „Новости“.

Можниот конфликт меѓу Москва и Алијансата е ставен на прво место во категоријата закани, чие влијание се оценува како „високо“, а веројатноста се смета за „умерена“. Во документот се истакнува дека се работи за „намерна или ненамерна воена конфронтација“ која може да биде предизвикана од „агресивното однесување“ на Русија на територијата на Источна Европа.

Второто место во истата категорија го зазема „сериозната криза во Кина“, поврзана со тестирањата на нуклеарното оружје, „воените провокации и внатрешната политичка нестабилност“.

На третото место се наоѓа можен голем хакерски напад „врз американската инфраструктура од критично значење“. Според мислењето на авторите, уште една закана која може да се случи во 2017 година е терористички чин во САД или на територијата на нивните сојузници.

Категоријата закани чие влијание Советот за надворешни односи го смета за „умерено“, а перспективата за да се случат со „висока“, е можноста од избивање на насилство во Авганистан. Во истата категорија авторите на извештајот го ставаат заострувањето на конфликтот меѓу Турција и Курдите, како и ескалацијата на граѓанската војна во Сирија. Притоа, како што се потенцира, може да стане збор и за „воена интервенција на други држави“.

Наведениот извештај се објавува од 2008 година. Неговите автори прават листа на конфликти кои можат да се засилат во годината што следува.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња