Асад: нападот врз Палмира е одговор на успесите во Алепо

Претседателот на Сирија Башар Асад смета дека заземањето на Палмира од страна на терористите е одговор на ослободувањето на Алепо.

Нападот на милитантите на терористичката група „Исламска држава“ врз Палмира е одговор на напредувањето на владините сили во Алепо, изјави претседателот на Сирија Башар Асад во интервју за телевизијата РТ.

Милитантите на ИД го почнаа нападот врз Палмира на 10 декември. Терористите успеаја да се утврдат во предградијата на градот, од каде беа евакуирани цивилите.

„Ако го видиме времето на нивниот напад, тоа е поврзано со она што се случува во Алепо. Тоа е одговор на она што се случува во Алепо, на напредувањето на сириската армија, и  тие сакаат, да речеме, да ја поткопаат победата во Алепо и во исто време да го оттргнат вниманието на сириската армија од Алепо, за да ја насочат кон Палмира“, истакна Асад.

Сириската армија претходно спроведе офанзива во источните делови на Алепо кои беа под контрола на милитантите. Рускиот центар за помирување на завојуваните страни во вторникот соопшти дека властите во целост контролираат повеќе од 98% од територијата на градот, а вкупната површина на квартовите кои се под контрола на терористите, не е поголема од три квадратни километри.

Руската војска исто така истакна дека милитантите испратиле значителни сили кон Палмира од подрачјето на Рака, каде што групите под контрола на САД и на меѓународната коалиција минатата недела ги запреа активните борбени операции против терористите. Исто така, големи резерви и оклопни возила на ИД беа префрлени подрачјето на Деир ез Зор.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков претходно изјави дека заземањето на Палмира од страна на милитантите му штети на имиџот на целиот цивилизиран свет, на оние кои седат со скрстени раце и не преземаат ништо, а не на Русија. Според него, ситуацијата во градот е уште еден доказ за заканата што потекнува од „Исламската држава“, пишува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња