Извор: армијата на Сирија го запре напредувањето на ИД кај Палмира

Извор за РИА „Новости“ изјави дека сириските владини сили го спречиле напредувањето на милитантите на „Исламската држава“ кај Палмира.

Одредите на терористичката група „Исламска држава“ зазедоа неколку села и нафтеното наоѓалиште Хијан југозападно од Палмира, соопшти за РИА „Новости“ извор запознаен со ситуацијата.

Според соговорникот на агенцијата, напредувањето на терористите е запрено. Авијацијата продолжува да нанесува удари врз местата каде што се концентрирани милитантите, уништувајќи ја техниката и живата сила на радикалите како во градот, така и надвор од него.

Притоа, откако сириските сили ја напуштија населбата Бајрат и околните села, главниот бастион на армијата и доброволците во Палмира е воената авиобаза Т-4.

„За цивилите кои останаа во Палмира засега ништо не можам да кажам. Според нашите информации, ноќеска никој не успеа да избега, исто така, не можам да кажам колку точно луѓе се најдоа заробени од терористите“, додаде изворот.

Во неделата милитантите на ИД, по дводневни непрестајни напади повторно ја зазедоа Палмира во сириската провинција Хомс. Во рацете на терористите паднаа како градот, така и историските урнатини кои се дел од културното наследство на УНЕСКО. Според разни информации, во нападот на Палмира учествувале повеќе од 5 илјади милитанти, меѓу кои и стотици бомбаши-самоубијци, како и десетици единици оклопна техника, донесени од провинциите Рака и Деир ез Зор.

Според зборовите на губернаторот на провинцијата Хомс Талал Барази, владините сили успеале да евакуираат 80% од жителите на градот. Судбината на останатите е неизвесна. Притоа губернаторот изрази мислење дека армијата и доброволците ќе успеат да се прегрупираат и да го повратат градот во најскоро време. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња