Обама дозволи испорака на оружје за сојузниците на САД во Сирија

Претседателот на САД Барак Обама официјално ја укина формалната забрана за испорака на оружје и техника на сојузниците на САД во борбата против тероризмот во Сирија, а Кремљ смета тоа претставува опасност за целиот свет.

„Да се утврди дека операциите, вклучувајќи ја и испораката на одбранбени стоки и услуги за странски сили, нерегуларни сили, групи или поединци кои учествуваат во поддршката или помагањето на воената операција на САД во борбата против тероризмот во Сирија, имаат особена важност за интересите на  националната безбедност на САД“, се вели во документот, пренесува „Взгљад“.

Истовремено Обама ги укинува постојните забрани за испорака на „воена опрема“ и финансирање во Сирија, која е под санкции на САД како земја која го поддржува тероризмот. Вреди да се истакне дека под „воена опрема“, во согласност со американското законодавство се подразбираат всушност секакви производи за воена намена.

За давањето таква помош државниот секретар и министерот за одбрана ќе мора да достават детални информации во Конгресот и да добијат негово одобрение.

Укинувањето од страна на Вашингтон на ограничувањата за испорака на оружје, муниција и воена опрема на сојузниците во Сирија може да ја загрози ситуацијата не само во регионот, туку и во целиот свет, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, пренесува „Лента.ру“.

„Најлош исход од таквата одлука би било доспевањето во рацете на терористите на најразлични видови вооружение, вклучително и ПЗРК (преносен противвоздушен ракетен систем) што, се разбира, е во спротивност со меѓународните конвенции“, изјави Песков. Тој потсети дека ПЗРК претставува закана за сите земји во светот, вклучително и за Русија.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња