Околу 3 илјади милитанти се предадоа на подрачјето на Дамаск

Во предградието на Дамаск Хан еш Шеих околу три илјади милитанти го положија оружјето и се приклучија на примирјето, рече потполковник Алексеј Лешченко од рускиот Центар за помирување на завојуваните страни во Сирија.

Околу три илјади милитанти се приклучија на примирјето во предградието на Дамаск Хан еш Шеих. Тие го положија оружјето и со семејствата со автобуси заминаа во покраината Идлиб, соопшти претставникот на рускиот Центар за помирување на завојуваните страни на територијата на Сирија полковник Алексеј Лешченко. 

„По долгите и мачни преговори со милитантите е постигнат договор за нивно вклучување во режимот на прекин на борбените дејствија“, изјави полковник Лешченко.

Радикалите предадоа над 500 парчиња стрелечко оружје, снајперски пушки и десетици минофрлачи со калибар 120 мм. Во градот остануваат погоните за производство на оружје и магацините што ги користеа милитантите.

Во Хан еш Шеих се срушени повеќето објекти, а во предградието исто така се наоѓа мноштво неексплодирана муниција која деминерите ќе мораат да ја активираат на местото.

Цивилното население кое го напушти Хан еш Шеих пред четири години се враќа дома. Тие ги реновираат куќите и во соработка со регуларната сириска војска ја обновуваат градската инфраструктура, пренесува „Взгљад“. 

Центарот за помирување на завојуваните страни соопшти на 4 декември дека изминатите седум дена во многу региони на Сирија се амнестирани повеќе од 2500 милитанти. Сириската војска тој ден воспостави целосна контрола врз градот Ет Тел во провинцијата Дамаск.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.