Лидерите на сириската опозиција со посредство на Турција водат преговори со Русија за прекин на борбите во сирискиот град Алепо, соопштува „Фајненшел Тајмс“ повикувајќи се на извори во сириската опозиција.
Преговорите се одвиваат во Анкара, соопштија за весникот четворица претставници на опозицијата.
„Руската и турската страна во моментов разговараат без САД. Тој (Вашингтон) не е вклучен во овие преговори и дури и не е запознаен со она што се случува во Анкара“, соопшти за изданието претставник на опозицијата кој посака да остане анонимен.
Ова не се први контакти на сириската опозиција со руската страна, сепак изворите, запознаени со ситуацијата, истакнуваат дека претходно во преговорите не учествувал толку голем број на опозициски групи. Тоа укажува на фактот дека им е неопходно да постигнат договор, истакнува весникот.
Напредок во преговорите, очигледно, нема, меѓутоа фактот дека се одржуваат без учество на САД зборува за промена на политичката динамика на Блискиот Исток, каде регионални фактори, веројатно, повеќе се насочени кон постигнување договор со Москва, заобиколувајќи го Вашингтон, пишува весникот.
Претставникот на локалната власт во Алепо Али Шеик Омар изјави дека во градските реони под контрола на опозицијата е договорено прашањето за формирање на група за преговори, која треба да дискутира со руската војска за прашањето за прекин на воздушните напади.
Според него, преговорите се одржуваат директно со Русија, меѓутоа другите членови на опозицијата или негираат дека се водат преговори, не сакаат да го коментираат ова прашање, или не прецизираат дали се одржани преговори непосредно или со посредство на турските власти, заклучува весникот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче