Кремљ и Белата куќа ја открија содржината на разговорот меѓу Путин и Обама

Москва и Вашингтон објавија детали од кратката средба меѓу Путин и Обама.

Претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Барак Обама, за време на кусата средба на маргините на самитот на АПЕС во Перу разговараа за конфликтите во Сирија и Украина. Ова го соопшти портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, пренесува „Лента.ру“.

„Претседателите изразија жалење поради тоа што не е постигнат напредок во Украина“, изјави Песков. Тој, исто така, прецизираше дека шефовите на државите се договориле во преостанатите два месеци од мандатот на Обама да продолжат да бараат начини за решавање на сирискиот проблем, вклучително и преку разговори меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери.

Од своја страна Белата куќа соопшти дека Обама го повикал Путин Русија да ги почитува обврските кои произлегуваат од „Минската спогодба“ за решавање на конфликтот во Донбас, „потврдувајќи ја посветеноста на САД и нивните партнери на заштитата на суверенитетот на Украина“. Претседателот на САД, исто така, ја истакнал потребата од продолжување на контактите меѓу министрите за надворешни работи на двете земји за „да се олеснат страдањата на сирискиот народ“, пренесува „Ројтерс“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња