Министерството за одбрана на Латвија по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД се подготви „до последен човек“ да се брани од Русија, пишува „Вашингтон Пост“.
Заради тоа, формиран е одред од 20 доброволци кои се вооружени и минуваат обука.
Според поранешниот министер за одбрана на земјата Артис Пабрикс, во Латвија стравуваат дека новиот американски претседател, заобиколувајќи ги балтичките земји, ќе направи сојуз со рускиот претседател Владимир Путин и немаат надеж дека Американците ќе ја спасат Латвија.
На почетокот на ноември претседателот на фракцијата „Согласност“ во латвискиот Сејм (парламентот) Јанис Урбанович го нарече државниот буџет за 2017 година „фронтовски“. Според него, земјата се однесува како да се подготвува да одбие напад од исток. Во исто време политичарот смета дека Русија не е непријател на Латвија. „Непријателите на Латвија се сиромаштијата, глупоста, проблемите во системот за здравство и образованието“, истакна тој.
Од руска инвазија се плаши и Литванија. Кон крајот на октомври, властите на републиката издадоа потсетување за населението за постапките во случај на воена окупација. Министерството за одбрана на земјата потенцираше дека го сметаат тоа за чекор кој може да ја одврати потенцијалната агресија од Русија.
Латвија, Литванија и Естонија се приклучија на НАТО во 2004 година. Во текот на летото 2016 година, на самитот на НАТО беше одлучено да се распореди на неопределено време во секоја од овие републики, како и во Полска, по ден баталјон на Алијансата. Вкупната бројност на овие единици е четири илјади војници, пишува „Лента.ру“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче