ООН поддржа иницијатива на Русија за борба против величањето на нацизмот

Предлог-резолуцијата на Русија за елиминирање на расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и нетолеранцијата, како и против глорификацијата на нацизмот е одобрена за разгледување од страна на Генералното собрание на ОН

Резолуцијата беше усвоена со гласање во Третиот комитет на Собранието. Со ваква иницијатива Москва истапува секоја година, пишува РИА „Новости“.

Документот беше усвоен со 131 гласа „за“, три земји (САД, Украина и Палау) гласаа против, 48 држави беа воздржани. Минатата година против нацрт-резолуцијата, исто така, истапи и Канада, која овој пат се воздржа од гласање, како и повеќето европски земји.

Коавтори на документот оваа година беа повеќе од 50 држави.

Русија укажува на порастот на бројот на случаи на расизам во целиот свет и на порастот на насилство мотивирано од расизам и ксенофобија чии жртвите се етничките, верските и јазичните малцинства.

Во нацрт-резолуцијата се потенцира загриженоста по повод глорификацијата на нацизмот, вклучително и со изградба на споменици и одржување на јавни демонстрации со цел величање на нацистичкото минато и неонацизмот. Во врска со ова, исто така, се зборува и за непрестајните обиди за „сквернавење или уништување на споменици, подигнати во знак на сеќавање на оние кои се бореа против нацизмот во годините на Втората светска војна“.

Во документот, исто така, се осудува секое негирање на холокаустот или обид за негирање на холокаустот.

Русија ги повика сите земји да не дозволат негирање на злосторствата против човештвото и воените злосторства, извршени за време на Втората светска војна. Во документот, исто така, се истакнува потребата за борба против манифестациите на верска нетолеранција, малтретирање или насилство против поединци или цели заедници врз основа на етничка припадност или верски убедувања.

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња