Москва реагира на наредбата на Обама за ликвидација на лидерите на „Нусра“

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков изјави дека Москва не знае за плановите на Вашингтон за ликвидација на лидерите на терористичката група „Џебхат ан Нусра“ во Сирија.

Рјабков истакна дека, доколку таква одлука навистина била донесена, „тогаш тоа може единствено да се поздрави“, пренесува „Лента.ру“.

„Но во надворешната политика и дипломатијата е обичај да се реагира на официјални соопштенија, на информација предадена по официјални канали. Засега ништо слично немаме видено“, изјави Рјабков. Тој исто така додаде дека е мошне сложено да се реагира на информации од медиуми, дотолку повеќе што станува збор за весникот „Вашингтон Пост“, чии материјали „последниве месеци не се одликуваа со особена веродостојност“.

Меѓутоа, директорот на Центарот за проучување на земјите од Блискиот Исток и Централна Азија Семјон Багдасаров, коментирајќи ја информацијата на весникот, изјави во интервју за „Национална служба новостеј“ дека САД прекрасно знаат каде се наоѓаат лидерите на „Џебхат ан Нусра“.

„Имаше единствен случај кога беше ликвидиран еден од лидерите на групата,  и тоа не е јасно кој ја спроведе таа операција – дали Американците, дали ние. За да се ликвидираат лидерите на „Џебхат ан Нусра“ не треба голем напор. Но ако тоа е реална инструкција, тогаш треба да почне да се реализира, во спротивен случај тоа е пропагандистичко дрдорење“, потенцира Багдасаров.

Претходно во „Вашингтон Пост“ се појави информација дека претседателот на САД Барак Обама му наредил на Пентагон да ги пронајде и ликвидира водачите на „Џебхат ан Нусра“. Според информациите на изданието, со таа цел било предложено да се употреби голем број беспилотни летала и да се зајакнат разузнавачките капацитети.

Весникот истакнува дека одлуката за уништување на лидерите на групата укажува на промена во приоритетите на американската администрација, која во текот на целата војна во Сирија бараше оставка од претседателот Асад, при што токму „ан Нусра“ е една од групите која најефикасно се бори против официјален Дамаск.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња