Украина сака повлекување на руските сили од Приднестровје

Украина ќе обезбеди „зелен коридор“ за евакуација на руските војници и оружјето распоредено во селото Кобасна во Приднестровје, е договорот меѓу министерот за одбрана на Украина Степан Полторак и шефот на молдавскиот воен ресор Анатало Шалару.

Украина ќе обезбеди „зелен коридор“ за евакуација на руските војници и оружјето распоредено во селото Кобасна во Приднестровје. Ова, како што соопштува Deschide, е договорено меѓу министерот за одбрана на Украина Степан Полторак и шефот на молдавскиот воен ресор Анатало Шалару.

Како што изјави Шалару, оружјето кое се наоѓа во воените магацини во Кобасна, претставува голема опасност како за жителите на Молдавија, така и за Украинците. Затоа до крајот на годината ќе биде разработен план за повлекување од оваа територија на оружјето и Оперативната група на руските сили во Приднестровје.

„Молдавскиот воен ресор беше официјално информиран за тоа дека украинската страна е подготвена да подготви специјален коридор за повлекување на руските сили и оружјето“, потенцираше министерот.

Според Шалару, страните се договориле за средба на воените експерти на двете земји за да дискутираат за прашања од технички карактер: повлекување на конвоите од Молдавија и патиштата по кои тие ќе влезат во Украина, како и нивната понатамошна маршрута на украинска територија. Според него, страните сакаат таа мисија да се одвива под закрила на ОБСЕ и ООН.

„Имаме намера да се обратиме до меѓународните организации за тие да влијаат на раководството на РФ и да помогнат за почеток на наведениот процес на евакуација“, потенцираше Шалару.

Приднестровје, чии 60 отсто од населението се Руси и Украинци, бараше да се отцепи од Молдавија уште пред распадот на СССР, плашејќи се од присоединување со Романија. По неуспешниот насилен обид молдавските власти да го решат проблемот во 1992 година, Приднестровје стана регион надвор од контрола на официјален Кишињев. Оперативната група на руските сили во Приднестровје е присутна од 1995 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња