Медведев: Сиријците ќе решат дали Асад ќе остане на власт

Промена на власта во Сирија може да се случи на легитимен начин преку национално помирување; дали во новата политичка структура ќе има место за сегашниот претседател Башар Асад – тоа ќе го решат Сиријците, изјави премиерот на РФ Дмитриј Медведев.

„Ако зборуваме за промена на власта таму, тогаш тоа треба да се случи на легитимен начин. На кој начин? Тоа треба да биде националното помирување. Различните страни во конфликтот треба да седнат на иста маса, освен озлогласените терористи со кои е бесмислено да се разговара, тие треба да бидат уништени. Како резултат на тоа, треба да никне нова политичка структура. Дали во неа ќе има место за Башар Асад или некој друг, не знаеме, тоа не е наша работа, нека решат самите Сиријци“, изјави Медведев во интервју за Вториот телевизиски канал на Израел.

Тој истакна дека лично се познава со Асад „за него можете да имате различно мислење: некој го сака, некој не го сака“, но во моментов тој е единствениот легален орган на власта во Сирија, легитимен претседател.

„Што навистина не би сакале – не би сакале Сирија да се распадне на цела низа енклави, цела низа делови (како што се случи во Либија) и како резултат на тоа секој дел да биде контролиран од страна на одделни терористички групи. Тоа би било многу опасно - за сите, вклучувајќи го и Израел“, рече Медведев.

Позицијата на Русија во однос на сириското прашање се објаснува не само со зголемената опасност од дестабилизација на Блискиот Исток, но и пред сѐ со потребата да се обезбедат сопствените национални интереси, рече Медведев. Тој истакна дека на страната на „Исламската држава“ и другите терористички екстремистички групи се борат илјадници лица со потекло од Русија и други земји од поранешниот Советски Сојуз, а Русија не е заинтересирана тие да се вратат и да вршат екстремистичка дејност против РФ. Покрај тоа, сириското раководство побара од руската влада да обезбеди воена поддршка во воспоставувањето на редот, изјави рускиот премиер.

 

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња