Матвиенко: Курилските острови се спорни за Јапонија, но не и за Русија

Припадноста на Курилските острови е спорна за Јапонија, но не и за Русија: Москва никогаш нема да го ограничи рускиот суверенитет над тие територии, а уште помалку да ги даде во надлежност на Токио, изјави спикерот на Советот на Федерацијата Валентина Матвиенко.

Делегација на Советот на Федерацијата деновиве е во официјална посета на Јапонија.

„Што се однесува до Курилските острови, нивната припадност е спорна за Јапонија, но не и за Русија. Тие ни припаднаа по завршувањето на Втората светска војна, што е забележано во меѓународните документи. И затоа суверенитетот на Русија над нив не подлежи на сомневање. Како што истакна шефот на руската држава Владимир Путин, ние не тргуваме со територии. Истовремено, подготвени сме да одиме барање компромис за мировен договор кој ќе им одговара на двете страни“, изјави Матвиенко во текот на посетата, пренесува РИА „Новости“.

Според неа, за тоа е потребно „пред сѐ, реализам од страна на нашите јапонски партнери“.

„Потребно е во целост да се разбере дека има нешта со кои Русија никогаш нема да се согласи. Ограничување на рускиот суверенитет над Курилските острови, а згора на тоа и нивно предавање во надлежност на Јапонија е едно од нив. Тоа е ставот не само на руското раководство, туку и на целиот наш народ. Кај нас има, што се вели, целосен, општонационален консензус“, изјави претседателката на Советот на Федерацијата.

Таа исто така истакна дека уште еден од условите за постигнување компромис се состои во зацврстување на довербата меѓу државите и развојот на сестрана соработка.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња