Путин ја коментираше западната демократија

„Граѓаните на Запад чувствуваат дека нивните интереси и претставата на елитите за единствениот правилен сѐ почесто и сѐ повеќе се разидуваат“, изјави претседателот на РФ Владимир Путин на состанокот на форумот „Валдај“.

Во водечките современи земји формално постојат сите атрибути на демократија, но реално мнозинството граѓани немаат влијание врз власта, изјави претседателот на Русија Владимир Путин.

„Политичката смисла и онака веќе се изгуби. Изборите повеќе не се инструмент за промени, туку се сведуваат на скандали, на тоа некој да се компромитира, простете, на расправи за тоа кој кого штипнал, кој со кого спие. Тоа едноставно ги преминува сите граници. Искрено кажано, ако ги погледнеме програмите на кандидатите, се стекнува впечаток дека се направени според ист шаблон“, изјави Путин на пленарното заседание на дискусиониот клуб „Валдај“, пренесува „Взгљад”.

„Граѓаните чувствуваат дека нивните интереси и претставите на елитите за единствениот правилен курс кој тие елити го одбрале сѐ почесто и сѐ повеќе меѓусебно се разидуваат. Последицата од тоа е што референдумите и изборите сѐ почесто и сѐ повеќе даваат резултати кои се изненадување за власта. Луѓето не гласаат онака како што им советуваат угледните медиуми, ниту онака како што препорачуваат таканаречените „системски партии“. Општествените движења, кои до неодамна беа сметани за премногу левичарски или премногу десничарски, излегуваат во преден план и од сцената ги истиснуваат политичките гиганти”, рече рускиот претседател.

„Најпрвин ваквите неповолни резултати ги прогласија за некаква аномалија, за случајност, а кога тоа почна да се повторува, рекоа дека општеството не ги сфаќа оние кои се наоѓаат на Олимпот на власта, дека не е дораснато да ги вреднува стремежите на структурите на власт, нивната грижа за доброто на народот, а понекогаш доаѓаат и до хистерија тврдејќи, наводно, дека тоа е последица на странска, по правило, руска пропаганда“, додаде Путин.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња