Како „САД“ планираат да jа освојат Русија за 20 дена: хроника на идиотизмот

Аналитичарот на РТВ „Ѕвезда” Дмитриј Јуров објаснува зошто дилетантските сценарија за воен пораз на Русија претставуваат само плод на имагинацијата или лудило на русофопски настроените „интернет-експерти“.

Ширењето антируски информации на социјалните мрежи, кое уште во времето на настаните на Крим во 2014 година достигна масивни пропорции, продолжува и денес на сосема ново ниво, пишува аналитичарот на РТВ „Ѕвезда” Дмитриј Јуров. Во ширењето на антируски информации се вклучуваат најразлични актери: од консултантски компании кои ангажираат професионалци, до физички лица-дилетанти кои се вклучуваат во бизнисот преку интернет.

Тоа се луѓе кои се претставуваат како „експерти“, кои ги објавуваат своите постови според времето во Киев и произведуваат голем дел од она информативно ѓубре на кое медиумите премногу често обрнуваат внимание, се вели во статијата.

Аналитичарот се навраќа на неодамнешниот случај кога еден од овие лажни експерти и наводен потполковник на армијата на САД соопшти дека Пентагон планира да ја освои Русија за 10-20 дена. Оваа вест беше објавена од страна на украинското издание „Краина“ (Країна), ја пренесоа сите главни медиуми, а се покажа дека Пентагон никогаш не слушнал за овој „воени аналитичар“.

„Она што авторот на овој материјал не го зел предвид, тоа е реалната состојба на работите, распоредот на силите, степенот на заштита на критичната инфраструктура, слабостите на стелт-бомбардерите кои летаат само таму каде што нема ПВО и многу други нешта. Целиот план за освојување на Русија за 10 дена е попрво напишан во состојба на пијано лудило и авторот не покажува ни најмало знаење за тоа како функционира воената технологија“, вели Јуров.

Реномирани експерти тврдат дека воен конфликт меѓу Русија и НАТО за неколку часа би се претворил во размена на нуклеарни напади, што нема да донесе никому ништо добро. Експертот од Центарот за анализа на стратегии и технологии Михаил Барабанов тврди дека примената на средствата за воздушен напад над територијата на Русија е практично невозможна, бидејќи тоа веднаш ќе предизвика нуклеарен одговор. „Затоа, сите такви сценарија се бесмислени. Ако бидат лансирани крстосувачки ракети или ако масовно полетаат бомбардери, единственото што е можно е одговор со целиот капацитет на нуклеарните сили“, заклучува експертот.

Противракетната одбрана која се распоредува во Европа исто така е, според експертите, немоќна во случај на конфликт со Русија, затоа што тие објекти ќе бидат први уништени. Карактеристиките на модерното ракетно оружје, како што е системот „Искандер“, овозможуваат прашањето на ПРО-објектите да се реши за неколку минути, тврдат експертите.

„Секој обид прашањето со Руската Федерација да се решава со воени средства ќе доведе до тоа што државата-агресор ќе биде избришана од лицето на Земјата за неколку минути, а потоа на нејзината територија ќе можат да живеат само лебарки. Вистина, со тоа нема да се сложат голем број „експерти за Русија“ од социјалните мрежи кои одамна однесоа победа на сите фронтови. Огромните научноистражувачки институти, чии тимови ги пресметаа траекториите на летовите на проектилите и ракетните боеви глави, и интернет-експертите чие ментално здравје предизвикува смеа и сочувство, сепак не живеат во истата реалност“, заклучува Јуров.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња