МО РФ: Белгиски F-16 ги убија шесте цивили во предградието на Алепо

Руската војска на 20 октомври истапи со официјално обвинување против Белгија.

Средствата за извидување на руските Воздушно-космички сили ги регистрираа воздушните напади на белгиските ловци F-16 врз населеното место Хасаџек кај Алепо во Сирија.

Како резултат на нападот загинаа шест цивили, а уште четворица беа ранети, изјави на 20 октомври портпаролот на Министерството за одбрана на Русија генерал-мајор Игор Конашенков.

„Русија врши дененоќен мониторинг ситуацијата во воздухот практично над целата територија на Сирија и северот на Ирак. Ловците F-16 на ВВ Белгија, кои ги извршија нападите врз Хасаџек, полетаа од аеродром во Јордан и двапати полнеа гориво во воздух во реонот на Деир ез Зор од американски танкер КС-135“, изјави генерал-мајорот.

Како што истакна Конашенков, воздушниот напад врз цивилите во курдското село Хасаџек беше извршен на 18 октомври во 03:35 по московско време. Потоа белгиските воени авиони се упатиле во патрола на територијата северно од Алепо.

„Американската страна обично нѐ известува за летовите на авионите од својата коалиција за да се избегнат инциденти во воздухот. Сепак, на 18 октомври за летовите на белгиските F-16 никакви соопштенија немаше испратено до нас“, потенцираше портпаролот на Министерството за одбрана на Руската Федерација.

Според него, комплетната информација за дејствијата на белгиското воено воздухопловство на небото над Алепо ќе биде доставена до раководството на Белгија по  воени и дипломатски канали.

„Ова не е прв случај кога земјите од меѓународната коалиција вршат напади врз цивили и целосно ја негираат својата одговорност“, рече Конашенков.

Како што истакна тој, токму на тој начин под удар на коалиционите авиони доаѓаат и свадби, погреби, болници, полициски станици, конвои, па дури и сириските војници кои се борат против терористите на ИДИЛ кај Деир ез Зор. 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња