Министерството за одбрана на Русија испрати во Египет припадници на Командата на силите за специјални операции (КССО), кои ќе бидат ангажирани во обука на египетските специјални сили и припадниците на органите за спроведување на законот. Обуката ќе се состои од методи и техники за борба против тероризмот. Според експертите, на Каиро му е потребна ваков вид обука за борба со ИДИЛ и „Муслиманското братство“ на Синајскиот Полуостров и на западната граница на земјата.
Информацијата за „Известија“ ја потврдија неколку извори во руските воено-дипломатски кругови. Бројот на руски специјалци во Египет не се соопштува. Според соговорниците на весникот, руските инструктори нема да учествуваат во директни борбени дејствија и контратерористички операции.
Според информациите на „Известија“, египетската страна почнала консултации со Русија за можна обука на специјалисти за борба со тероризмот уште на крајот на минатата година по терористичкиот чин во кој беше соборен рускиот патнички авион А321, како и поради наглото заострување на ситуацијата на Синајскиот полуостров, каде египетските безбедносни структури имаат операции против исламските милитанти.
Според поранешниот офицер на Генералштабот на Египет генерал-мајор Талат Мусалам, обучените од страна на руските стручњаци египетски војници ќе можат да учествуваат во борбата против бунтовниците на Синајскиот полуостров и на западната граница на земјата, каде најголема активност покажуваат приврзаниците на „Исламската држава“ и „Муслиманските браќа“.
„Египет е заинтересиран за таков вид соработка со Москва по воена линија и има потреба од обука на своите сили за специјални операции за борба со тероризмот. Истовремено не ја исклучувам можност во иднина египетските специјалци кои ќе бидат обучени од руските припадници на КССО да бидат вклучени и надвор од границите на Египет во рамките на воената соработка со арапските земји при спроведување заеднички операции. Како пример можам да ја наведам Либија“, изјави египетскиот генерал.
„Обуката на странски специјалисти, како и заедничките воени вежби се најважната етапа во воспоставувањето блиски односи меѓу земјите“, изјави воениот експерт Владислав Шуригин. „До неодамна египетската војска беше обучувана од западни стручњаци, но сега нивното место го зазедоа руските стручњаци. Тоа укажува на сериозен пресврт во надворешнополитичките приоритети на Каиро. Како што покажа искуството од операцијата во Сирија, руските КССО поседуваат уникатни знаења и обука. Ако не ги надминуваат, тогаш во секој случај не заостануваат зад американските и англиските специјални единици. Египќаните, несомнено, го направија вистинскиот избор“, додаде Шуригин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче