Медиумите соопштуваат дека поканата упатена до руските производители ја отвора третата етапа на турскиот тендер, а Анкара не ја загрижува тоа дека во случај да избере руско оружје ќе мора да го решава прашањето за неговата интеграција во системот за воздушна одбрана на НАТО, кој пак може и да не се согласи со тоа.
Турската телевизија НТВ на 10 октомври, повикувајќи се на дипломатски извор, соопшти дека Турција може да разгледа руска понуда за систем за противракетна одбрана.
Во првиот круг на тендерот победија кинеските системи HQ-9, но потоа испаднаа од конкуренција. Во вториот круг американскиот систем „Патриот“ (Patriot) се покажа подобар од европскиот САМП-Т (SAMP-T), но потоа тендерот беше запрен. Сега е можно да се вратат во конкуренција четири заинтересирани производители на оружје, вели научниот соработник на Центарот за анализа на стратегии и технологии и главен уредник на „Извоз на оружје“ (Экспорт вооружений) Андреј Фролов.
„Не ја отфрлам можноста во Сирија специјално да сме поставиле батерија С-300В4 (Антеј-2500) за да можат Турците да ја видат на дело. Работата е во тоа што на турскиот тендер навистина може да учествува само тој систем, затоа што други модификации не се произведуваат. Мислам дека нема смисла да им се нуди на Турците С-400, затоа што договорите со Министерството за одбрана на Русија, Кина и, ми се чини, Индија се потпишани до крајот на 2016 година. Така што, колку и да го сакаат тоа Турците, нема да можат да го добијат С-400 пред 2020 година“, изјави Фролов за „Слободен Печат“ (Свободная Пресса).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче