Претседателот на Сирија Башар Асад изјави дека сегашната ситуација во светот многу потсетува на студена војна. Политичарот, исто така, предупреди за опасноста од глобален конфликт поради Сирија.
„Тоа е нешто што се појави неодамна, затоа што мислам дека Западот, а особено САД не ја запреа Студената војна дури и по распадот на Советскиот Сојуз“, изјави Асад во интервју за весникот „Комсомолскаја правда“.
Тој исто така истакна дека процесот на конфликт вклучува голем број на „политички сцени“, а Сирија е една од најзначајните.
„Главната цел е да се задржи американската хегемонија над светот, да не се дозволи никому да биде партнер на политичката или меѓународната сцена, било да е тоа Русија или дури и нивните сојузници на Запад. Затоа, тоа е мирисот на војната која вие (новинарот) го опишувавте како Трета светска војна, се чувствува во воздухот, но тоа сѐ уште не е директен воен судир“, изјави Асад.
Претседателот Асад исто така потенцираше дека основниот проблем на Сирија е мешањето на други земји кои ги поддржуваат терористите „секој ден и секој час“. Како постојани сојузници на Дамаск, Асад ги наведе Русија, Иран и „Хезболах“.
„Тие се тука на легална основа. Тие се борат против терористите, но постојат и други земји кои интервенираат токму заради поддршка на терористите. Прашањето не е во бројот на факторите, главното прашање е тероризмот“, рече Асад.
Тој исто така изјави дека Западот никогаш нема да се помири со независноста на неговата земја.
„Сирија е независна земја, а Западот никогаш нема да се помири со независноста на секоја земја, без разлика дали е тоа малата Сирија или големата Русија. Што е нивниот проблем со Русија? Затоа што таа го штити своето право да каже „да“ или „не“. А Западот сака постојано да слуша „да“. И истиот проблем го има Сирија со Западот“, изјави Асад.
Раководството на Сирија ѝ верува на Русија и нејзината политика, додаде сирискиот лидер.
„Ние ѝ веруваме на Русија и нејзината политика. Руската политика се базира на морал, а не само на интерес. Ние знаеме дека тие нѐ поддржуваат во име на уништување на тероризмот, а не затоа што сакаат да побараат нешто за возврат. До овој момент тие ништо не бараа од нас. Сите овие фактори нѐ поттикнаа мене и сириската влада да побараме помош од Русија“, изјави Башар Асад.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче