Јапонија: Можни преговори со РФ за враќање на два од Курилските острови

Вишиот заменик-министер за надворешни работи на Јапонија Нобуо Киши (помлад брат на премиерот Шинзо Абе) не ја исклучува можноста за разгледување на планот за „враќање на два острови - Хабомаи и Шикотан“ во рамките на преговорите со Русија за територијалното прашање во врска со Курилските острови.

„Би сакале што е можно поскоро да најдеме решение (за територијалниот спор со Русија), поаѓајќи од широкиот круг можности“, изјави Нобуо Киши во интервју за јапонската телевизија „Нипон ТВ“.

Министерот исто така потенцираше дека Токио не ја исклучува можноста за признавање на правото на престој на околу 17 илјади лица колку што во моментов изнесува населението на спорните Курилски острови, потенцирајќи дека „преговорите, во кои (Јапонија) би инсистирала на 100% исполнување на сопствените барања не би биле крунисани со успех“.

Изјавата на помалиот брат на јапонскиот премиер сепак се разидува со официјалниот став на Шинзо Абе, кој претходно категорично ги негираше соопштенијата во медиумите дека Јапонија е подготвена да оди на компромис со кој таа би добила два острови - Хабомаи и Шикотан, наведени во Заедничката декларација од 1956 година и чија територија изнесува 7% од вкупната површина на четирите острови, пишува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња