Набиулина: Руската економија ќе издржи нов пад на цените на нафтата

Никаква катастрофа нема да се случи во руската економија ако цените на нафтата се намалат повторно и се реализира ризичното сценарио на Централната банка во случај на цена на нафтата од 25 долари за барел, изјави шефот на Централната банка на Русија Елвира Набиулина.

Шефицата на Централната банка на Русија Елвира Набиулина истакна дека основното сценарио на Централната банка е врз основа на просечните годишни цени на нафтата од 40 долари за барел.

„Ние разгледуваме и две други сценарија – ризично сценарио со цена на нафтата од 25 долари за барел и оптимистичко со цена до 55 долари за барел“, рече таа, говорејќи на семинарот за пратениците на „Единствена Русија“, пренесува РИА „Новости“.

„Нашите пресметки покажуваат дека дури и ако биде сценариото со ниска цена на нафтата, се разбира, тоа ќе влијае негативно врз темпото на економскиот раст, но нема да има никаква катастрофа. Нашата економија и финансискиот систем и платежниот биланс во голема мера се прилагодени на овие ниски цени на нафтата“, рече Набиулина.

Шефот на Централната банка додаде дека во текот на повеќе од две години имало значајни промени кои ја направиле руската економија поотпорна на разни надворешни ризици. Покрај тоа, Набиулина истакна дека надворешниот долг на Русија во текот на овој период се намалил за 30%.

Во средата, на неформалниот состанок во Алжир, членките на ОПЕК се согласија да го ограничат производството на нафта, додека конечна одлука картелот планира донесе на крајот на ноември. Договорот на ОПЕК придонесе за значително зголемување на цените на нафтата, но недостатокот на детали од договорот предизвикува негативно расположение кај дел од инвеститорите. Во четвртокот, сурова нафта од марката „Брент“ првпат од 8 септември ја надмина психолошката граница од 50 долари за барел.

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња