Медиум со писмо до Западот:Русите го сакаат Путин, а ние им помагаме во тоа

Американскиот весник „Чикаго трибјун“ објави отворено писмо од редакцијата до Западот, поточно до владите на САД и нивните сојузници, критикувајќи ги затоа што, како што велат, „му помагаат на Путин“.

„Милиони Руси неодамна гласаа и ѝ дадоа убедлива поддршка на Путиновата „Единствена  Русија“, која доби мнозинство во парламентот. За разлика од пред пет години, кога десетици илјади Руси на снег протестираа на улиците барајќи фер избори, овојпат немаше никој. Дури и на изборите излезе едвај некој процент повеќе од половина од гласачите. Завладеа апатија, опозицијата исчезна. Поточно, има опозиција, само не во Русија. Затоа е време ние на Запад неволно да признаеме дека Русите навистина го сакаат нивниот лидер. Всушност, тие тоа го обожуваат“, се вели на почетокот на отвореното писмо на „Чикаго Трибјун“.

Весникот потсетува и на претходните настани меѓу Западот и Русија. „Во изминатите неколку години, Русите го анектираа Крим и ѝ го одзедоа на Украина, откако беше соборен нивниот човек на чело на Украина, Виктор Јанукович. Влегоа во војна во Сирија и ја презедоа диригентската палка. Донесоа антигеј закони кои го предизвикаа гневот на меѓународната заедница. Цените на нафтата потонаа, а допинг скандалите испливаа на површината. Го апсеа, затвораа, па го ослободија опозиционерот Алексеј Навални, го протераа  Михаил Ходорковски. Убиен е Борис Немцов. Настана економска криза, новинарите се под репресија, па сепак, популарноста на Путин е 83 отсто! Зошто е тоа така? Повеќето Руси не живеат во Москва, Владивосток или Санкт Петербург. Мнозинството Руси живеат во руралната внатрешност и, како и сите луѓе на светот, имаат скромни желби: да не бидат гладни, да имаат покрив над главата и да живеат во мир. И Путин им го обезбеди тоа, поради што и го сакаат. Опозицијата е географски ограничена, и не може ниту да допре до нив“, истакнува весникот.

„Чикаго Трибјун“ го заклучува текстот со објаснување на причините за популарноста на рускиот претседател: „Ние го исмеваме и осудуваме Путин и претпоставуваме дека рускиот народ би требало да го прави истото. Но не сфаќаме дека Путин не е популарен затоа што на Русите не им дозволува да согледаат алтернатива. Тој ја стекна моќта затоа што обичните Руси се видоа во него себеси! Го гледаат и како заштитник. Затоа што Русите стекнаа впечаток дека се опкружени со непријатели, а дека земјата може да ја заштити само еден човек.

Со други зборови, кога Западот го критикува Путин, човекот кој ја стабилизираше Русија по една деценија препнување, човекот кој на Русите им зборуваше дека се големи тогаш кога останатите им го кажуваа спротивното, човекот кој на Американците им кажа дека немаат право никому да му кажуваат како треба да се живее, Русите го гледаат тоа како критика упатено директно до нив. Кога велиме дека гласаат за него затоа што му се плашат, Русите се навредуваат. Во руското општество има знаци на автократија. И да, има Руси кои можеби сакаат подобро општество од она во кое живеат. Но факт е дека мнозинството Руси немаат намера да бараат поинаков претседател сѐ додека гледаат потреба од лидер кој, пред сѐ, ќе ги брани од непријателскиот свет“, заклучува во своето писмо „Чикаго Трибјун“.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња