Путин со сочувство до Израел по повод смртта на Шимон Перес

Претседателот на Русија Владимир Путин изрази сочувство до Израел по повод смртта на поранешниот претседател Шимон Перес, истакнувајќи ги неговите постигнувања за решението на Блискиот Исток.

„Шефот на руската држава истакна дека со својата повеќегодишна активност на местата претседател и премиер на Израел, како и на други одговорни државнички должности, Шимон Перес се здоби со искрена почит меѓу сонародниците и во странство“, се вели во соопштението на сајтот на Кремљ.

„Владимир Путин високо го оцени личниот придонес на Шимон Перес во напорите за постигнување мирно решение на Блискиот Исток, кој беше соодветно оценет од меѓународната заедница, за што сведочи и доделената Нобелова награда за мир“, соопшти Кремљ, пренесува „Взгљад“.

„Имав среќа повеќепати да разговарам со тој извонреден човек. Секој пат се восхитував на неговата храброст и патриотизмот, мудроста и визијата, умешноста да навлезе во суштината на најсложените прашања. Во нашата земја ќе се сеќаваат на него како постојан приврзаник на развојот на пријателските руско-израелски односи, кој многу направи за зацврстување на заемната билатерална соработка“, потенцираше претседателот на Русија.

Владимир Путин ги пренесе зборовите на сочувство и поддршка до роднините и блиските на покојниот, владата и целиот народ на Израел.

Лауреатот на Нобеловата награда за мир, поранешен претседател на Израел Шимон Перес почина во средата наутро на возраст од 93 години.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња