Патријархот Московски и на цела Русија Кирил ја потпиша петицијата за забрана на абортусот во Русија, објави сајтот на Руската православна црква (РПЦ). Текстот на петицијата беше договорен со Патријаршиската комисија за семејство, заштита на мајчинството и детството.
Во документот се предлага да се признае на зачнато дете статусот на човечко суштество, чиј живот, здравје и благосостојба треба да бидат заштитени со закон. Авторите на петицијата исто така предлагаат да се забрани хируршкиот и медикаментниот абортус, контрацептивните средства со абортусно дејство, асистивните репродуктивни технологии чиј составен дел е „понижување на човековото достоинство и убивање на деца кои се наоѓаат во раните фази на ембрионален развој“. Покрај тоа, во документот се предлага да се обезбеди финансиска помош од федералниот буџет за бремените жени и семејства со деца во износ не помал од егзистенцијалниот минимум.
Претходно Пензенската епархија на Руската православна црква почна со собирање потписи за исклучување на абортусот од системот за Задолжително здравствено осигурување (ЗЗО). Од епархијата го објаснуваат тоа со потребата да се поддржи соодветната иницијатива на патријархот Кирил, кој во јануари 2015 година, говорејќи во Државната Дума, предложи да се исклучи можноста за абортус од ЗЗО. Во Думата до тој момент веќе една година стоеше соодветен предлог-закон предложен од страна на пратениците на Самарската обласна Дума. Предлог-законот беше разгледан и одбиен, но подоцна сличен предлог-закон поднесоа пратениците на Државната Дума Елена Мизулина и Сергеј Попов. За два дена во Пенза се собрани триста потписи, а иницијаторите на акцијата ветуваат дека до ноември таа ќе добие замав ширум Русија, пишува „Комерсант“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче