Русија ќе подготви резолуција за борба против терористичката идеологија

Русија смета дека во борбата со екстремизмот не треба да има место за двојни стандарди, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Русија подготвува резолуција на Советот за безбедност на ООН насочена кон мобилизација на напорите за борба со ширењето на терористичка идеологија. Ова го изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, говорејќи во петокот, 23 септември, пред Генералното собрание на ООН, пренесува „Лента.ру“.

Шефот на руската дипломатија истакна дека во борбата со екстремизмот не треба да има место за двојни стандарди. „Овде се бара навистина универзално обединување на напорите во интерес на формирање широк антитерористички фронт, како што беше предложено во оваа сала пред една година од претседателот на Русија Владимир Путин“, изјави министерот.

Според Лавров, потребно е „да се погрижиме за спротивставување на терористичката и екстремистичката идеологија, која ја зема во заложништво младината во разни региони на светот“. „Трагедиите на Ирак, Либија, Јемен, Сирија нѐ убедуваат за неопходноста да се прекинат конјунктурните обиди за искористување на екстремистите за промовирање на геополитичките планови“, додаде шефот на руското МНР.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња