Москва ги смета за апсурд обвинувањата за мешање во изборите во САД

Изјавите на шефот на американското национално разузнавање Џејмс Клепер за можно мешање на Москва во предизборната кампања во САД е ново ниво на апсурдот, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков.

Претходно директорот на националното разузнавање на САД изјави дека историјата на обидите на Москва да се вмеша или да влијае на изборите во САД потекнува уште од 1960-те години. Според Клепер, „во Русија постои традиција на мешање во изборите, во сопствените и во изборите во други земји“. Тој изјави дека тоа не е за чудење и додаде дека постојат документи поврзани со минатите избори кои сведочат за тоа дека Русија „на еден или друг начин се обидувала да влијае на изборите“.

„Не е првпат да се соочуваме со ваков вид на тврдења но, веројатно, првпат од американската страна на едно купче е ставена темата на неодамнешните избори за Државната Дума и претстојните избори за претседател на САД. Тоа е ново ниво на апсурд и ние едноставно се губиме наоѓајќи се во таа американска земја на чудата“, изјави Рјабков, пренесува РИА „Новости“.

Според него, „предизвикува конфузија тоа што толку тврдоглаво и упорно за некакво мешање од наша страна зборуваат луѓето кои на најдиректен и непосреден начин со децении се мешаат во работите на други држави“.

„Беа дадени оценки за организацијата на изборниот процес во Русија, вклучително и од меѓународните набљудувачи и едноставно нема никаква основа да се посветува внимание на џагорот што се слуша од Вашингтон. Но има и друг момент, на кој е потребно да се обрне внимание“, потенцираше дипломатот.

Тој истакна дека поради непозната причина, претставниците на сегашната американска администрација, вклучително и од безбедносните структури, „принципиелно и континуирано замижуваат пред непрекинатото масовно мешање во предизборната кампања во САД од страна на нивните европски сојузници“.   

„Сето тоа предизвикува директно недвосмислено одобрување, како што гледаме, од страна на сегашната администрација. Тоа е нов антирекорд кој им го честитаме на Белата куќа и на соодветните служби на САД“, резимира Рјабков.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња