По првичните пребројувања на гласовите на парламентарните избори на 18 септември победи партијата на власт „Единствена Русија“ („ЕР“). За неа гласаа 54,23% од избирачите, што ѝ дава на партијата не помалку од две третини од мандатите и уставно мнозинство во Државната Дума. Како што се претпоставува „ЕР“ добива повеќе од 76% од местата во Долниот дом.
Првпат по 2003 година се избираа пратеници со нов петгодишен мандат по мешан избирачки систем: 225 мандати – по партиски листи, уште 225 – по едномандатни окрузи. Според едномандатните окрузи, „ЕР“ исто така доби мнозинство – нејзините претставници водеа во 203 окрузи од вкупно 225.
Главната интрига се разви околу статусот на втората по бројност фракција во Долниот дом на парламентот: тој може да ѝ припадне како на КПРФ, така и на ЛДПР. Според првичните пресметки, тие имаат практично ист број на гласови - 13,65% и 13,39%. Четврта партија која веќе влезе во парламентот е „Праведна Русија“ – таа доби 6,16%.
На тој начин е веќе очигледно дека во седмиот состав на Државната Дума влегуваат истите четири партии кои беа и во двата претходни состави. Десетте други партии во борбата за пратенички мандати не успеаја да го надминат цензусот од 5%. На пример, демократската партија „Јаблоко“ освои 1,69%, „Партијата на порастот“ на бизнис-омбудсманот Борис Титов освои 1,07%, а опозициската деснолиберална партија „Парнас“ на поранешниот премиер на РФ Михаил Касјанов освои помалку од 1% год гласовите.
Во моментов излезноста на избирачите изнесува 47,81%. „Луѓето покажаа граѓанска позиција. Таа се гледа и од излезноста – не е најголемата од они кои ги видовме во претходни изборни кампањи, но е висока. Резултатот е добар“, ги коментираше изборите претседателот на РФ Владимир Путин. Коментарот на првиот човек на Централната изборна комисија Ела Памфилова беше полаконски: „Излезност како излезност“, изјави таа на брифингот.
Во 2011 година излезноста изнесуваше 60,2%, а во 2007 година - 59%.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче